16/06/2026
На 6 јуни, во Европската куќа во Струмица, се одржа настанот „Жените во музичката уметност низ вековите: од невидливост до глас“, посветен на улогата, придонесот и видливоста на жените во музичката култура.
Настанот беше реализиран во рамките на истоимениот проект, чија цел е да поттикне јавна дебата за историската маргинализација на жените во музиката, но и за нивното современо присуство во уметноста, образованието и културниот живот.
На настанот учествуваа диригентката Ангела Рајчиноска, оперската пејачка и музиколог Даница Станојоска, фолклористката и книжевница Сузана Мицева и поетесата Катерина Панов-Кожаров, а разговорот го модерираше Ана Витанова-Рингачева.
Преку работилница, презентација и отворена дискусија беа обработени теми поврзани со застапеноста на жените во музичката историја, нивната позиција на современата музичка сцена, улогата на образованието, како и присуството на женските гласови во јавниот културен простор.
Како дел од проектните активности беше подготвен и дигиталниот прирачник „Од невидливост до глас“, наменет за ученици, студенти, наставници, млади уметници и пошироката јавност. Прирачникот има за цел да поттикне критичко размислување за музичкото наследство, родовите стереотипи и потребата од поголема видливост на жените во културата и уметноста.
Проектот ќе продолжи со два концерти што ќе се одржат на 29 јуни во Штип и на 30 јуни во Скопје.
Настанот „Жените во музичката уметност низ вековите: од невидливост до глас“ е активност поддржана во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд.
Содржината/изразените мислења никогаш не може да се толкуваат како ставови на Владата на Швајцарија и Хартефакт Фонд.