15/08/2026
🏝Нешто ново во нашата книжарница: Попладневен остров. Работилница за споделено читање. (22.8., 19 часот)
👓Среде скопската бетонска обездрвена жега здогледав остров. Место питомо и пристапно, со разговор и добра мисла во центарот, а наоколу љубопитни луѓе, желни и смели преку книжевни приказни да откријат што има од другата страна на градската шир.
📖Ве покануваме на попладневна работилница за споделено читање каде заедно ќе читаме едно избрано книжевно дело во опуштена, спокојна атмосфера. Во текот на 1 час ќе читаме и разговараме со намера да се дружиме, да размениме светогледишта, да размислиме и да се предомислиме.
Работилницата ќе ја води Магда Ориѓанска, преведувачка и библиотекарка. Не е потребно никакво предзнаење за учество во работилницата.
Работилницата ќе трае околу 1 час, а бројот на учесници е ограничен на 10. (first come, first served) Пријавете се со кратка порака на [email protected]
Котизација: 300 денари
Магда Ориѓанска е преведувачка, истражувачка по скандинавистика и библиотекарка која живее и работи во Упсала, Шведска. Во моментов е на магистерски студии по библиотекарство и информатички науки на Универзитетот во Упсала, а истовремено работи како асистентка во најстарата шведска библиотека „Каролина Редивива“.
Нејзиниот професионален и истражувачки интерес е насочен кон скандинавистиката и преведувањето скандинавска книжевност, како и начинот на кој библиотеките ги поврзуваат луѓето, знаењето и културното наследство во физичкиот и дигиталниот простор. Во фокусот на нејзините истражувања се и практиките на читање како активности што придонесуваат за продлабочена социјализација, градење заедници и создавање простори за дијалог, споделување и заедничко учење.